Прашања и одговори

Која е долгорочната цел на УНФПА?
УНФПА го промовира правото на сите луѓе да се развиваат искористувајќи го притоа својот целосен потенцијал. За да го остварат ова свое право, на сите луѓе, особено на жените, им е потребен пристап до информации и услуги за репродуктивно здравје, вклучувајќи и за планирање на семејството и сексуалното здравје, кои ќе им овозможат да донесуваат одлуки засновани на информираност и доброволност. Како што стои во нашата Изјава за мисијата на УНФПА, Фондот „им помага на државите во користењето податоци што се однесуваат на населението за политики и програми за намалување на сиромаштијата и за обезбедување живот во кој секоја бременост е сакана, секое раѓање е безбедно, секој млад човек е слободен од ХИВ/СИДА и каде со секоја девојка и жена се однесуваат со достоинство и почит.”

Кои се задачите на УНФПА?
Надлежностите на УНФПА, утврдени од страна на Економско-социјалниот совет на Обединетите нации (ECOSOC) во 1973 и реафирмирани во 1993 година, се: (1) да изгради знаење и капацитет за одговор на потребите во врска со проблематиките на население и планирање на семејството; (2) да ја подигне свеста и во развиените и во земјите во развој за проблемите во врска со населението и за можните стратегии за нивно надминување; (3) да им помогне на земјите во решавањето на проблемите поврзани со населението на начин и со средства кои најмногу одговараат на потребите на поединечните земји; (4) да преземе водечка улога во системот на Обединетите нации во промоцијата на програми за населението, како и да ги координира проектите од оваа сфера на кои им дава поддршка. На Меѓународната конференција за население и развој (ICPD) одржана во Каиро во 1994 година, овие широки идеи беа детално разработени и развиени, при што беше ставен поголем акцент врз димензиите на родовата еднаквост и човековите права во рамките на проблематиката која се однесува на населението. На УНФПА ù беше дадена водечка улога во пружањето помош на државите да ја спроведат Акционата програма која ја усвоија 179 влади на конференцијата во Каиро. Последователните меѓународни договори кои произлегоа од ICPD+5, Милениумскиот самит (2000) и Светскиот самит (2005) воспоставија врска помеѓу надлежносите на УНФПА од една страна и одредени цели со конкретен рок за остварување од друга, и ставија поголем акцент врз улогата на Фондот во превенцијата на ХИВ и намалувањето на сиромаштијата. Трите клучни области на надлежности на УНФПА – репродуктивното здравје, родовата еднаквост и стратегиите за населението и развојот – се резимирани во Изјавата за мисијата на УНФПА.

Што значи кратенката УНФПА?
Фондот на Обединетите нации за активности во врска со населението беше формиран како старатешки фонд во 1967 година, кој започна со финансирање програми за населението во 1969 година. Во 1987 година, Фондот беше официјално преименуван во Фонд за население на Обединетите нации, со што се отслика неговата водечка улога во системот на Обединетите нации во областа на населението. Сепак, првичната кратенка УНФПА беше задржана. За општа комуникација, кратенката УНФПА се користи како работно име на Фондот на сите јазици. Целосното име се пишува по првата референца. Официјалните документи на Обединетите нации го користат целосното име на Фондот.

Кој ја финансира и раководи УНФПА?
Поддршката за функционирањето на УНФПА во целост доаѓа од доброволни придонеси од влади-донатори, меѓувладини организации, приватниот сектор и од фондации и поединци, а не од редовниот буџет на Обединетите нации. Во 2005 година, најголем дел од државите-членки на Обединетите нации – или поточно 172 земји – дале финансиски придонес за УНФПА. Фондот претставува помошен орган на Генералното собрание на Обединетите нации. Тој му полага отчет на Извршниот одбор на УНДП/УНФПА составен од 36 држави-членки на ОН за административни, финансиски и програмски прашања, и добива насоки во врска со политики од Економско-социјалниот совет на Обединетите нации (ECOSOC). Извршниот одбор го сочинуваат 36 држави-членки: 8 од Африка, 7 од Азија и Пацификот, 4 од Источна Европа, 5 од Латинска Америка и Карибите и 12 од Западна Европа и други развиени земји.

Дали Соединетите Американски Држави ја финансираат УНФПА?
Соединетите Американски Држави беа еден од основачите на УНФПА. Оваа земја продолжува со своето членство во 36-члениот Извршен одбор што ги одобрува програмите на УНФПА. Во првите години од работењето на УНФПА, САД обезбедуваа дури половина од буџетот на Фондот. Изминативе две децении, финансирањето на УНФПА од страна на САД беше одбележано со прекини. Средствата издвоени од Конгресот во периодот 2002 - 2008 година во износ од 34 милиони долари годишно беа блокирани од страна на извршната власт. Во јануари 2009 година, претседателот на САД, г-динот Барак Обама, најави дека САД одново ќе започне со финансирање на УНФПА.

Што претставува Светскиот ден на населението?
Светскиот ден на населението, кој има за цел да го насочи вниманието кон итноста и важноста на проблемите поврзани со населението, беше прогласен од страна на Раководниот совет на Програмата за развој на Обединетите нации во 1989 година. Истиот е резултат на интересот што го предизвика денот на раѓањето на петмилијардитиот жител на Земјата, што се случи на 11.07.1987 година. Секоја година на 11 јули, канцеларии на УНФПА во голем број земји, како и други организации и институции, го одбележуваат овој ден со најразлични активности со кои се сака да се сврти вниманието кон проблемите поврзани со населението. УНФПА, која е спонзор на одбележувањето на овој ден, за оваа цел објавува постери и други промотивни материјали.

Што е репродуктивно здравје?
Репродуктивното здравје може да се дефинира како ситуација на добросостојба во делот на сексуалниот и репродуктивниот живот. Тоа подразбира, согласно со Акционата програма на ICPD, „дека луѓето се во позиција да имаат задоволителен и безбеден сексуален живот, како и можност да се размножуваат и слобода да одлучуваат дали, кога и колку често ќе го прават тоа.” (точка 7.2) Поимот репродуктивно здравје е резултат од една еволуција во размислувањето за здравјето и планирањето на семејството. Искуствата на земји ширум светот покажуваат дека за да се задоволат потребите на поединците во областа на репродуктивното и сексуалното здравје, службите за планирање на семејството треба да бидат интегрирани во една поширока рамка која ќе се занимава со нивното вкупно здравје и добросостојба. Програмите на УНФПА се изработуваат така што нудат интегрирани услуги во областа на репродуктивното здравје, вклучувајќи интервенции за борба против смртноста кај мајките, родовото насилство, штетните практики и сексуално преносливите инфекции вклучувајќи ХИВ, како и услуги во областите на репродуктивното здравје на адолесцентите и планирање на семејството. И покрај тоа што универзалниот пристап до репродуктивно здравје до 2015 година претставува меѓународна цел којашто беше афирмирана на највисоко ниво, сè уште ни претстои долг пат до остварување на оваа цел. Проблемите од доменот на репродуктивното здравје – вклучително и СИДА – се водечка причина за смрт и болест кај жените ширум светот (на возраст од 15-44 години). Со оглед дека проблемите со репродуктивното здравје ги погодуваат жените несразмерно, ова прашање во себе содржи родова димензија и димензија на човековите права. Репродуктивното здравје, во што спаѓа и планирањето на семејството и сексуалното здравје, останува во центарот на помошта што ја дава УНФПА и област во која вложуваме највисок процент од нашите ресурси.

Какво е учеството на УНФПА во Милениумските развојни цели?
Милениумските развојни цели (МРЦ) ги насочуваат напорите на светската заедница кон постигнување значајни, мерливи подобрувања во животите на луѓето и воспоставување мерила за мерење на резултатите. МРЦ се тесно поврзани и усогласени со, а во многу случаи и инспирирани од договорите од ICPD и ICPD+5 според кои се води УНФПА во своето работење. Работата на УНФПА е многу непосредно поврзана со пет МРЦ, особено со целта бр. 5 (подобрување на здравјето на мајките) и целта бр. 3 (промовирање родова еднаквост и еманципација на жените). УНФПА игра индиректна улога во давањето помош на напорите на државите за исполнување на сите осум цели. Работата на УНФПА е директно поврзана со целите кои се однесуваат на: намалување на сиромаштијата, родовата еднаквост и еманципацијата на жените, смртноста на децата, здравјето на мајките и ХИВ/СИДА. Суштинската поврзаност меѓу репродуктивното здравје и постигнувањето на другите развојни цели беше одново потврдена на највисоко ниво на Светскиот самит одржан во 2005 година, кадешто беа усвоени нови цели, вклучувајќи ја и целта „универзален пристап до репродуктивно здравје до 2015 година“.

Како е поврзана работата на УНФПА на прашања од областа на населението со нејзината фокусираност врз репродуктивното здравје и родовите прашања?
Динамиката на населението, во што спаѓаат стапките на пораст на бројот на население, старосната структура, плодноста и смртноста, миграцијата и други прашања, влијаат врз сите аспекти од човековиот, општествениот и економскиот развој. Другите клучни области од работата на УНФПА, како што се репродуктивното здравје и еманципацијата на жените, силно влијаат врз популационите трендови и динамика. До 1994 година, популационото планирање често ја имаше формата на постигнување конкретни демографски цели. Меѓународната конференција за население и развој одржана во 1994 година, меѓутоа, ја нагласи и реафирмираше идејата дека единките и паровите се во основата на развојот и го уживаат основното човеково право да одлучуваат слободно и одговорно за бројот на своите деца и за временското растојание од едно до друго дете. Овие одлуки - мултиплицирани низ различните заедници и држави - се токму она што ги создава популационите трендови. Познавањата за демографските состојби во различните земји значително се зголемија низ годините, а постојат и докази дека вложувањата во образование и репродуктивно здравје ја намалуваат сиромаштијата. Во изминативе четири децении драстично се намалија стапките на плодност, а употребата на контрацепција се зголеми од 9 % во 1960 на повеќе од 60 % денес. За најголем дел од семејствата и државите, пониските стапки на наталитет овозможуваат поголемо вложување во секое дете, поздрави мајки и деца и подобри перспективи за иднината.

Дали обезбедувањето сексуално образование на адолесценти поттикнува сексуална активност?
Не. Голем број студии покажуваат дека сексуалното образование промовира одговорни ставови и однесување. Овие студии исто така покажуваат дека давањето информации и услуги за репродуктивно и сексуално здравје на адолесценти придонесува тие да го пролонгираат започнувањето со сексуална активност и да имаат помалку партнери. Кога овие млади луѓе стапуваат во сексуални односи, поголема е веројатноста дека ќе се заштитат од бременост и од сексуално преносливи инфекции, вклучително и ХИВ. Ова беше потврдено и во наодите на УНАИДС објавени во мај 2006 година, кои покажуваат дека образованието довело до пролонгирано започнување со сексуална активност и до зголемена употреба на кондоми во неколку области, што пак е поврзано со намалување на преваленцата на ХИВ кај младите.

Дали УНФПА промовира абортус?
Не. Водејќи се од точката 8.25 од Акционата програма од Каиро, УНФПА не го поддржува ниту го промовира абортусот како метода за планирање на семејството. УНФПА дава најголем приоритет и поддршка за доброволно планирање на семејството заради спречување несакана бременост, сè со цел да се елиминира потребата од прибегнување кон абортус. УНФПА им помага на владите да го зајакнат својот национален здравствен систем со цел да можат ефективно да се справуваат со компликациите од небезбедните абортуси, со што би се спасиле голем број животи (се проценува дека секоја година, од последиците на небезбеден абортус, починуваат 68,000 жени). Како функционира итната контрацепција? Според Светската здравствена организација, итната контрацепција спречува несакана бременост. Бидејќи овие контрацептивни средства не ја прекинуваат бременоста, нивната употреба не претставува форма на абортус. Жените имаат право на информации за итната контрацепција и на услуги од оваа сфера, исто како што е случајот со сите други безбедни и ефективни методи за планирање на семејството.

Дали кондомите се ефективна заштита од ХИВ?
Кондомот за мажи изработен од латекс е најефикасна достапна технологија меѓу единечните технологии за намалување на преносот на ХИВ по сексуален пат и на други сексуално преносливи инфекции, според Изјавата за кондоми и превенција на ХИВ на УНАИДС. Употребата на кондомот претставува суштински елемент во рамките на еден сеопфатен, ефективен и одржлив пристап кон превенцијата и лекувањето на ХИВ, а самите кондоми имаат одиграно решавачка улога во напорите за превенција на ХИВ во голем број земји. Во некои земји, и кондомите за жени почнуваат да играат сè поголема улога во превенцијата на ХИВ.

Што е фистула и каква е улогата на УНФПА во кампањата за ставање крај на овој проблем?
Акушерската фистула е разорувачка повреда на мајчинството која погодува милиони жени, од кои најголем дел се сиромашни, млади и живеат во оддалечени места. Справувањето со овој проблем има допирни точки со многу аспекти од мисијата на УНФПА, која се однесува на стремежот секоја бременост треба да е сакана, секое раѓање да е безбедно и со секоја девојка и жена да се постапува со достоинство и почит. Од овие причини, УНФПА застана на чело на глобалната кампања за ставање крај на проблемот со фистула. Поради комплексноста на овој проблем, на располагање стои посебна Интернет страница за оваа кампања, во рамките на која постои посебна рубрика „Често поставувани прашања“ која се однесува на ова прашање.

Дали УНФПА е вклучена во проблемот на женското обрежување?
Во моментов прифатен термин за оваа пракса е осакатување/сечење на женските гениталии. УНФПА ја смета оваа пракса за штетна, како и тоа дека истата ги крши правата на девојките и жените. Во делот „Родова еднаквост“ од нашата Интернет страница можете да најдете посебна рубрика насловена како „ Често поставувани прашања“ која се однесува на оваа тема.

Каде можам да ја најдам најновата статистика за трендовите во поглед на светското население?
Интернет страницата на Одделението за население во рамките на Одделот за економски и социјални работи при Обединетите нации ги обезбедува најновите податоци и проекции за светското население, коишто ги користи системот на Обединетите нации во различни формати.

Каде можам да најдам поконкретни информации за тоа што УНФПА го прави во конкретни земји?
Делот од оваа Интернет страница насловен како „Ширум светот“ може да ве поврзе со конкретни информации за програмите на УНФПА во секоја од земјите, како и до популационите и демографските податоци и индикатори што се однесуваат на таа земја. Можете исто така да го користите нашиот пребарувач за да најдете разни написи, новости и извештаи кои содржат податоци за програмите и активностите во конкретни земји.

Што можам јас да направам за да ја поддржам работата на УНФПА?
Финансиски придонес е одличен начин за покажување на вашата поддршка, со што би ù помогнале на УНФПА да им помогне на поголем број луѓе. Нашата страница за донации обезбедува неколку начини на кои можете да дадете придонес, вклучувајќи податоци за различни валути, кампањи и начини за плаќање. Страницата исто така ви дава идеја за тоа кому сè вашите пари можат да му помогнат. Позитивен придонес давате и со тоа што ќе бидете информирани за проблемите и што ќе го споделите она што сте го дознале со другите. Повисоката јавна свест за проблемите често знае да предизвика поголема политичка поддршка за нивно надминување. Честото посетување на оваа Интернет страница е добар начин да одите во чекор со она што го работиме. Кампањата за ставање крај на проблемот со фистула спонзорирана од УНФПА нуди дополнителни предлози за начините како да се вклучите во овој аспект од нашата работа кој оди во насока на спасување на животите на мајките.

Каде да најдам информации за тоа како може деловно да се соработува со УНФПА?
Доколку сте потенцијален добавувач или клиент, погледнете ја нашата рубрика за набавки. Доколку барате работа, погледнете во рубриката за вработување. Оваа рубрика од Интернет страницата со наслов „Често поставувани прашања“ беше последен пат ажурирана во ноември 2008 година.








cheap nike air max shoes cheap nike air max shoes cheap nike air max shoes cheap louboutin shoes so kate nike air max shoes cheap nike air jordan shoes christian louboutin shoes outlet cheap louboutin shoes cheap christian louboutin shoes cheap nike air jordan shoes cheap nike air max shoes